Вие сте тука

РСБСП со порака: Дефанзивното возење спасува животи

Дефанзивното возење спасува многу животи – порака што често ја слушаме, а голем број од возачите не го знаат нејзиното значење. Со цел појаснување на нештата, РСБСП со препораки и совети како да се однесувате во сообраќајот и како да станете дефанзивен возач кој внимава на својот живот и на животот на другите учесници во сообраќајот.Дефанзивното возење спасува многу животи – порака што често ја слушаме, а голем број од возачите не го знаат нејзиното значење. Со цел појаснување на нештата, РСБСП со препораки и совети како да се однесувате во сообраќајот и како да станете дефанзивен возач кој внимава на својот живот и на животот на другите учесници во сообраќајот.

  • Бидете смирен и концентриран возач кој фокусирано ги следи случувањата во сообраќајот. Не дозволувајте случувањата во околината, телефонот, радиото, климатизацијата, децата на задното седиште или жестоката дискусија со вашиот сопатник да ве оттргнат од вашата работа како возач.  
  • Бидете подготвени и очекувајте ги грешките на другите возачи. Немојте да претпоставувате за однесувањето на другите учесници во сообраќајот. Преземете дејствија откако добро ќе видите и лично ќе се осигурате за однесувањето на другите учесници во сообраќајот. За пример може да се земат неодговорни возачи кои ги забораваат трепкачите за покажување правец на движење и продолжуваат да возат право, а дефанзивниот возач го следи тоа и не презема ништо додека целосно не се увери во кој правец ќе продолжи да се движи возилото.
  • Дефанзивниот возач секогаш ги почитува правилата за ограничување на брзината. Дефанзивните возачи не возат брзо, не престигнуваат непрописно, не престигнуваат на полна линија и не возат слалом.
  • Секогаш користете сигурносен појас и бидете сигурни дека и останатите патници во вашето возило користат сигурносен појас. Дефанзивниот возач е свесен за последиците од сообраќајните незгоди и презема сѐ што е во негова можност да се заштити себе и другите патници во возилото. Многу човечки животи може да бидат спасени ако редовно и правилно се користи сигурносен појас и соодветно детско седиште.
  • Кога се сомневате за нешто во сообраќајот, најдобро е да почекате и да размислите пред да донесете одлука. Доколку не сте сигурни дека имате право на првенство на минување, не преземајте ништо, размислете и реагирајте откако ќе бидете сигурни. Доколку имате право на првенство на минување, а некој од другите возачи не го знае тоа или не го почитува тоа, пропуштете го да помине. Подобро да загубите малку време, отколку да учествувате во сообраќајна незгода.
  • Дефанзивниот возач секогаш ги почитува сообраќајните правила и сообраќајните  знаци. Сообраќајните знаци се азбуката на сообраќајот и одговорниот возач секогаш ги почитува.
  • Користете трепкачи. Трепкачите го покажуваат правецот на движење на возилото. Одговорните возачи секогаш користат трепкачи за да не ги збунат другите учесници во сообраќајот. Збунетоста е непријател на безбедноста во сообраќајот.
  • Држете безбедно растојание и бидете предвидливи во сообраќајот. Дефанзивниот и безбеден возач секогаш држи безбедно растојание помеѓу возилата, не забрзува нагло, не запира нагло и не свртува нагло со возилото.
  • Внимателно паркирање и внимателно престројување. Набљудувајте ги вашите слепи точки и останете надвор од „мртвите агли“ на другите.
  • Внимателно користете долги светла. Дефанзивниот возач секогаш внимава и се грижи за останатите учесници во сообраќајот и согласно тоа секогаш внимава да не ги „заслепува“ возачите кои доаѓаат од спротивната насока.
  • Почитувајте ги пешаците, велосипедистите и мотоциклистите. Пешаците, велосипедистите и мотоциклистите се ранливи групи учесници во сообраќајот и секој одговорен возач треба посебно да внимава на нив: да застанува на пешачки премин, да ги почитува како рамноправни учесници во сообраќајот, внимателно да ги заобиколкува и внимателно да ги престигнува.
  • Не возете под дејство на алкохол и избегнувајте ги возачите под дејство на алкохол. Секој возач знае дека возењето под дејство на алкохол е екстремно опасно. Дефанзивниот возач не вози под дејство на алкохол, настојува да ги идентификува пијаните возачи и да се заштити од нив на тој начин што ќе застане, ќе ги пропушти или ќе го промени правецот по кој се движи, предвидувајќи ја опасноста што може да настане делејќи го патот со пијан возач.

Не можете да влијаете како да се однесуваат другите учесници во сообраќајот, но можете да го прилагодите вашето однесување на случувањата во сообраќајот. Бидете безбеден возач, бидете дефанзивен возач. Дефанзивниот возач не само што помалку греши, туку и ги поправа грешките на другите учесници во сообраќајот.

Вози одговорно!

Целни групи

  • Автомобили
  • Велосипедисти
  • Деца во сообраќајот
  • Млади
  • Моторциклисти
  • Пешаци

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Контакт формата на веб страницата служи исклучиво за поднесување електронски пораки и контакт со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Податоците испратени преку неа, како име и презиме, e-mail, телефон за контакт и содржина на пораката служат исклучиво за контакт со испраќачот на пораката и нема да бидат споделени со трети лица.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот