Вие сте тука

Планирајте на долги патеки, грижете се за вашата безбедност, за вашиот живот и за безбедноста и животот на луѓето околу вас!

Иако на прв поглед изгледа дека станува збор за веќе раскажана приказна, апелите и пораките за безбедно учество во сообраќајот, никогаш не се доволни. Безбедноста и културата во сообраќајот во Република Македонија сѐ уште не се издигнати на посакуваното ниво. Почитувањето на правилата во сообраќајот е обврска, како за младите, така и за оние поискусни возачи, кои поради стекнатата самоувереност многу често се обидуваат правилата и прописите во сообраќајот да ги заобиколат или да ги занемарат. Сообраќајните незгоди се наше секојдневие. Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува за најчестите грешки на возачите во сообраќајот.

Брзо возење. Иако понекогаш ви се чини дека патот е чист и нема опасности, имајте на ум дека постои добра причина зошто брзината на одредени делови на патот е ограничена. Кон побрзо возење најчесто прибегнуваат помладите возачи, желни за докажување, но токму тие всушност се и најкритичната група возачи бидејќи немаат доволно искуство и не реагираат доволно брзо во критични ситуации. Како резултат на брзото возење, во 2017 година, во Република Македонија животот го загубиле 72 лица, а 1.254 се потешко повредени.

Небезбедно возење. Несоодветна и некомплетна сообраќајна сигнализација, игнорирање на сообраќајните знаци, престројување без проверка на „мртвите агли“, пишување пораки, телефонирање, консумирање храна и други нелогични активности можат сериозно да ја загрозат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Можеби ова изгледа како нешто што се подразбира, но е една од најчестите причини за предизвикување сообраќајни незгоди.

Непочитување на правилото за првенство на поминување. Непочитување првенство на минување е голем прекршок и спаѓа во групата изразени и чести престапи. Многу е важно секој возач да разбере дека почитувањето на сообраќајните правила не е право на избор и ниту еден изговор или „оправдување“ не е издржано.

Возење во поспана состојба. Дури и после добро проспиена ноќ, современиот начин на живот и секојдневниот притисок можат да го исцрпат организмот и да ве направат поспани. Како последица на тоа се јавува намалена концентрација, отсутност на сетилата и забавена моторика. Во такви случаи, најдобро е да одморите, да повикате некој да дојде по вас, да нарачате такси или да искористите градски превоз. Можеби на тој начин нема да заштедите време, нема да заштедите ни пари, меѓутоа ќе зачувате нешто многу повредно - вашиот живот и вашата безбедност.

Возење без паузи. Сезона е на одмори и многу од вас едвај чекаат да ги спакуваат куферите и да тргнат на летување. Доколку пред вас е долг пат, задолжително правете пауза на секои два часа и освежувајте се. Доколку по пат ве претекнало возило, а за тоа не сте биле свесни, тоа е знак дека ви паднала концентрацијата и дека е време за одмор. Овде постои само едно правило, а тоа е безбедно да стигнете на крајната дестинација.Занемарување на активностите на останатите учесници во сообраќајот. Следете што прават останатите учесници во сообраќајот и проверете дали и тие внимаваат на вас. Можете да бидете најсовесниот возач и повторно да дојдете во ситуација вашата безбедност да биде загрозена поради грешките на другите возачи. За да имате доволно време да изреагирате во критична ситуација важно е внимателно да ги следите возилата околу себе и да ги држите на прописно растојание.

Премногу луѓе и куќни љубимци околу вас. Причината поради која не треба да возите повеќе луѓе одколку што е дозволено е сосема логична. И покрај тоа што не е дозволено со закон и не може сите да бидат врзани со појас, дополнителната бучава и турканиците во возилото ќе ве деконцентрираат во возењето. Бидете внимателни и кога превезувате љубимци. Во зависност од нивната големина и од големината на возилото, постојат соодветни транспортери и сигурносни елементи што може да ги најдете во петшоповите.

Лошо одржување на автомобилот. Кога управувате со возилото секогаш е важно да се исправни сопирачките и амортизерите - задолжени за безбедноста во кривини, потоа притисокот во гумите и дебелината на шарките - бидејќи пневматиците се директна врска на возилото со патот и секако, задолжително проверете го нивото на масло и останати течности во возилото. Едноставно, за некои елементи клучни за безбедноста, нема компромис.

Жртвување на сигурноста поради естетика. Немојте да ги жртвувате сигурносните елементи заради украсни делови. Подобро е да возите незабележан, но безбеден автомобил, отколку да се доведете во опасна ситуација. Ова посебно важи за младите возачи кои повеќе пари трошат на визуелно впечатливи елементи, кои се однесуваат само на естетиката на автомобилот, отколку на неговата безбедност.

Нетолеренција. Имајте во предвид дека и вие некогаш сте биле почетник или сте возеле во непозната средина. На возачите кои не се снаоѓаат најдобро во сообраќајот треба да им се помогне бидејќи дополнителниот притисок ќе направи да ги зголемат своите грешки.

РСБСП уште еднаш апелира до возачите, до вас кои секојдневно се изложувате на ризик, секојдневно работите и поминувате низ стресни ситуации додека истовремено се обидувате да го подобрите квалитетот на вашиот живот: „Немојте да брзате и да посакувате секунди или минути повеќе, немојте да се оптоварувате со „шминки“ и безвредни детали, планирајте на долги патеки, грижете се за вашата безбедност и за вашиот живот, грижете се и за безбедноста и за животите на луѓето околу вас.

Ви благодариме што се грижите!

 

 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2019 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media