Вие сте тука

Пешаците најзагрозени учесници во сообраќајот

Несовесното однесување на возачите, брзото возење, но и самите пешаци кои  преминуваат улица надвор од пешачкиот премин или кога пешачкиот семафор покажува црвено, го загрозуваат животот и безбедноста на пешаците во сообраќајот. Статистиката говори дека за првите три месеци од годинава, загинати се 6 пешаци, од кои 5 на возраст над 60 години. Најкритични места во главниот град, според податоците од минатите години, се улиците близу пазарите, како кај Зелено пазарче и Бит пазар, но и влезот на Скопје од страната на општина Ѓорче Петров, каде повозрасните граѓани ја поминуваат улицата далеку од пешачкиот премин.

Водејќи се од ваквата статистика, РСБСП апелира до пешаците, особено до повозрасните, да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, улицата да ја преминуваат исклучиво на пешачки премин, откако ќе се уверат дека е безбедно и непречено може да ја поминат, а особено препорачуваме да не ја поминуваат улицата на црвен пешачки семафор.

„Во ноќни услови и во услови на намалена видливост, пожелно е пешаците да бидат облечени во светла или бела облека, да носат рефлектирачко елече или останати рефлектирачки додатоци за да бидат на време забележани од останатите учесници во сообраќајот. Исто така, апелираме, до возачите, да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да внимаваат на пешаците, како рамноправни и ранливи учесници во сообраќајот. Посебно, апелираме, да обрнат внимание на повозрасните пешаци, односно да имаат разбирање за нивните ограничени физички и рецепторни способности. Безбедноста во сообраќајот е заедничка и поделена одговорност на сите учесници во сообраќајот и сите треба така да се однесуваат“, посочуваат од РСБСП.

За три месеци шест пешаци го изгубиле својот живот!

Статистичките податоци и анализите кои ги направи Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, за 2015 година, говорат дека од 148 загинати лица во сообраќајни незгоди,  49 лица биле пешаци, од кои над 60 % се лица на возраст над 60 години. За првите три месеци од оваа година, од 35 загинати лица во сообраќајни незгоди, 6 се пешаци, од кои 5 на возраст над 60 години.

Овие податоци говорат дека лицата кои влегуваат во возрасната категорија над 60 години, најмногу страдаат како пешаци во сообраќајот. 

Ваши предлози и коментари

Преку овој формулар можете да изнесувате корисни идеи, предлози и проекти од сите сфери во безедноста на сообраќајот.

Компании кои се грижат за безбедноста во сообраќајот

© 2019 rsbsp.org.mk | РСБСП E-mail
Developed by Kajgana Media